Изјава за Светскиот ден на животна средина од Постојаниот координатор на ОН во Северна Македонија, Росана Дуџак
Светскиот ден на животната средина оваа година е фокусиран на изнаоѓање решенија за загадувањето со пластика. Овој ден е потсетник дека постапките на луѓето за
Луѓето се робови на навика и рутина. За повеќето од нас, достапноста, леснотијата на користење и едноставната употреба играат многу поголема улога во процесот на донесување одлуки отколку што сме свесни. Пред околу 30-40 години, повеќето флаширани пијалоци достапни во продавниците ширум светот беа направени од стакло или од алуминиум што може да се рециклира. Луѓето одеа на шопинг со екстремно издржливи памучни торби за повеќекратна употреба. Повеќето играчки беа направени од метал, стакло или дрво.
И тогаш, со обемниот технолошки развој и употребата на фосилни горива, пластиката почна да доминира во нашите животи, целосно заменувајќи го тоа што порано беше дизајнирано и наменето за повторлива употреба со пристап во кој доминираат пригодното, достапното и производи за еднократна употреба. Во повеќето случаи, тоа брзо се трансформираше во искористи и фрли, поради што пластиката почна да доминира во нашите корпи за отпадоци, нашите паркови, нашите реки, езера, мориња и океани.
Повеќе од 400 милиони тони пластика се произведуваат секоја година ширум светот, главно од фосилни горива. Половина од тие 400 милиони припаѓаат на категоријата за еднократна употреба, додека помалку од десет отсто се рециклира. Се проценува дека 19-23 милиони тони завршуваат во езерата, реките и морињата годишно. И се чини дека повеќе не можеме да замислиме живот без пластика, иако стануваме целосно свесни за тоа како пластиката ја уништува природата и биодиверзитетот околу нас, а и како влијае на нашето сопствено здравје.
Микропластика - ситни пластични честички до 5 mm во дијаметар, лесно се наоѓаат во храната, водата и воздухот. Се проценува дека секој од нас внесува 50,000 пластични честички годишно. Да, пластиката не е само околу нас. Таа е внатре во нас и предизвикува незамислива штета на нашето долгорочно здравје и перспектива. Колку повеќе пластика правиме, толку повеќе фосилно гориво е потребно, а со тоа ја интензивираме климатската криза.
Не сме навикнати да размислуваме за подготовки пред да одиме во шопинг и да земеме торбичка за да ги избегнеме пластичните ќеси. Многу е лесно да се купи шише вода кога се оди во парк, кога се пешачи на Водно, па дури и кога се оди на брегот на Охридското Езеро. Многу е лесно да се избере пластика, дури и кога не постои никаква причина за тоа да биде така, освен навиките и рутините.
А, справувањето со навиките не е лесна задача. Во денешно време, повеќето луѓе се свесни за нивното влијание врз животната средина. Сепак, тие продолжуваат да не прават ништо за тоа, честопати станувајќи жртви на илузијата дека нивната негрижа не е важна во големи размери.
Ова може да се смени само ако итно се спроведат две работи. Првиот е навидум потешкиот премин кон циркуларна економија, фокусирајќи се на одржливи решенија и тргање на пластиката од „стандардното решение“. Вториот е во пракса многу поголем предизвик, а тоа е војната што сите треба да им ја објавиме на навиките и рутините. Тоа е голема борба што ќе треба да ја поминеме, но борба што може и мора да ја добиеме. За некои од нас доволно е да се потсетиме на навиките што ги имавме, оние од пред 30-40 години. Клучот е исто така да не ги пренесуваме лошите навики на нашите деца. Светот што им го оставаме е веќе многу предизвикувачки. Може и да ги подготвиме да го променат.
Светскиот ден на животната средина оваа година е фокусиран на изнаоѓање решенија за загадувањето со пластика. Овој ден е потсетник дека постапките на луѓето за загадувањето со пластика се важни и дека дури и најмалите промени се важни. Затоа, на овој Светски ден на животната средина, придружете ни се и започнете да се борите со вашите навики и рутини! Размислете за сите ситуации во кои можете да ја извадите пластиката од равенката и да ни помогнете да ја исчистиме нашата планета, нашите тела и нашата иднина од пластичното загадување.