Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска заедно со Постојаниот координатор на Обединетите нации во Република Северна Македонија, Рита Колумбија, копретседаваше со состанокот на високо ниво за подготовка на новата Рамка за соработка за одржлив развој меѓу Обединетите нации и националните институции во земјата, која ќе го покрива периодот 2026-2030 година. На средбата присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски и неколку ресорни владини министри и заменици министри, како и претставници на 14 ентитети на ОН во земјава.
Учесниците на состанокот го потврдија својот заеднички став дека развојот на националните стратегии и придружните акциски планови ќе ги премостат долгорочните определби со мерливи, краткорочни цели, приспособени на секој контекст.
„Инклузивниот ангажман на засегнатите страни е подеднакво суштински во овој контекст. Вклучувањето во процесот од страна на локалните власти, граѓанското општество, како и приватниот сектор од самиот почеток ќе ја поттикне вистинската соработка, обезбедувајќи го нашиот успех во остварувањето на целите што заеднички ги поставивме да ги постигнеме“, истакна во својата изјава премиерот Христијан Мицкоски. главното обраќање на состанокот.
Фокусот на дискусијата беше ставен на националните приоритети на земјата во областа на одржливиот развој и нејзината усогласеност со глобалните стандарди. Во таа насока, беше потврдена заложбата за заеднички придонес за подобрување на квалитетот на животот, владеењето на правото, заштитата на животната средина, социјалната вклученост, намалувањето на сиромаштијата, создавањето услови за економски напредок, намалувањето на загадувањето и многу други.
„Оваа рамка не претставува само декларација за добри намери, туку воспоставува модел на партнерство насочен кон постигнување одржлив развој, справување со нееднаквоста и подобрување на иднината на генерациите што доаѓаат. Но, она што навистина ја издвојува оваа Рамка е нејзиниот пристап кон луѓето. Ја нагласува инклузивноста преку фокусирање на маргинализираните и ранливите заедници и осигурувајќи дека „никој нема да заостане“. За нас одржливиот развој подразбира градење на општество во кое сите ќе имаат еднакви шанси за напредок, без разлика на социо-економскиот статус, етничката припадност или местото на живеење“, истакна од своја страна министерот Муцунски.
Во своето обраќање, постојаниот координатор на ОН во Северна Македонија, Рита Колумбија, го истакна фактот дека во земјата моментално работат дури 22 агенции и програми на ОН, притоа додавајќи дека сите напори на ОН во земјата се дизајнирани да ја поддржат имплементацијата на националните приоритети, сите во согласност со Агендата за одржлив развој на ОН 2030 година и самиот процес на пристапување на земјата во ЕУ, додека се тесно поврзани и насочени кон подобрување на животните услови и обезбедување подобра иднина за сите.
Понатаму, на состанокот сите присутни министри и заменици-министри учествуваа во дискусијата за можните начини на кои земјата најдобро може да ја искористи поддршката што ја добива од системот на ОН со цел да ги постигне своите развојни приоритети.