СКОПЈЕ/ВЕЛЕС – На денот кога Обединетите нации (ОН) прославуваат 75 години од потпишувањето на Повелбата на ОН, Бујар Османи, Министер за надворешни работи и Росана Дуџак, Постојан координатор на ОН во Северна Македонија ја потпишаа новата Рамка за соработка за одржлив развој 2021 – 2025.
Рамката за соработка е главен стратешки документ што ја насочува работата на сите агенции на ОН што работат во земјата, во наредните пет години. Развиена е во блиска соработка со Владата, по опсежен консултативен процес со организации и индивидуалци од разни сфери на делување и интерес.
“Нашата држава во соработка со Организацијата на Обединетите нации и натаму ќе работи во правец на јакнењето на принципите на одржлив развој и изградба на едно просперитетно и инклузивно општество”, рече Премиерот Зоран Заев. “Нашата силна посветеност на усогласувањето на националната политика и законодавната рамка со Целите за одржлив развој е уште еден доказ за нашата цврста волја на сите наши граѓани да им обезбедиме подолг, поздрав и поквалитетен живот.”
Важен аспект од новата Рамка е сеопфатниот пристап во начинот на кој се делува кон националните предизвици и приоритети.
„Значењето на овој документ е уште поголемо ако се има предвид дека активностите се комплементарни и во функција на европската интеграција на земјата“, рече Министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Новата Рамка за соработка 2021 - 2025 е дизајнирана да поддржи:
- Подобрен животен стандард за сите луѓе што живеат во Северна Македонија, преку еднаков пристап до достоинствена работа и продуктивни вработување генерирани од инклузивен и иновативен бизнис еко-систем.
- Универзален пристап до социјални услуги базирани на права – здравство, образование, како и неопходна социјална и детска заштита – сите засновани на системи отпорни на кризи.
- Амбициозна климатска акција, одржливо управувани природни ресурси и добро сочуван биодиверзитет преку правилно управување со животната средина и преку заедници отпорни на катастрофи.
- Подобрено владеење на правото; антиципативни и родово одговорни политики кои се засновани врз докази; поголема социјална кохезија; и подобрена испорака на услуги од страна на транспарентни, отчетни и одговорни институции.
По потпишувањето, претставници на семејството на Обединетите нации, заедно со Премиерот Заев и неколку други претставници на Владата, дипломати и претставници од Јавното претпријатие Национални шуми засадија 75 дрва во близина на Велешкото езеро (Младост), како дел од прославата на 75-годишнината на Обединетите нации.
“Денес засадивме 75 дрвја за да го одбележиме 75-тиот роденден на ОН. Тоа е симболична заложба за позелена, подобра и поодржлива иднина на сите луѓе во Северна Македонија,” рече Дуџак. “Новата Рамка за соработка е повеќе од заложба. Тоа е обврска што ај преземавме и претставува јасна определба да се работи кон подобрување на животот и иднината на сите луќе во оваа прекрасна земја, а при тоа никој да не заостане.”
Садењето на дрва е организирано во консултација со ЈП Национални шуми на локација што беше зафатена од пожар пред повеќе од една година. Со помош на стручните служби на ЈП Национални шуми, избрани се дрва што одговараат на локацијата и времето на задување, согласно најдобрите практики, за да се овозможи садниците да имаат најголеми шанси да преживеат и да успеат во целост да пораснат.
“На почеток на Деката за акција, јасно е дека мора да размислуваме на одржливоста во сите акции што ги преземаме, како и дека мораме да работиме заедно за да ги надминеме проблемите со кои сега се соочуваме. Од пандемијата КОВИД-19, до потребата за зголемени напори за заштита и обнова на животната средина, зајакнување на економијата и подигнување на квалитетот на образованието. Мора да работиме заедно, не само затоа што тоа е правилниот начин на работа, туку и зашто тоа е наша обврска, а е и единствен начин во целост да ги исполниме нашите цели”, порача Дуџак.
Во изминатата седмица, во пресрет на Денот на Обединетите нации, се спроведува и мала онлајн кампања фокусирана на мали акции што луѓето може да ги направат за да придонесат Северна Македонија да ги исполни своите таргети согласно Целите за одржлив развој и да изгради почиста средина за живеење, пофер и подобро општество во кое никој нема да заостане.