Главни предводници – младите во Северна Македонија го движат напредокот кон ЦОР
06 септември 2021
Во Северна Македонија, младите преземаат сѐ поголема улога во создавањето одржлива иднина.
Големи планови по часовите
Додека некои средношколци во Северна Македонија, а и во светот, едвај чекаат ѕвончето да го означи крајот на училишниот ден, Орхан Багашов, Борис Ночески, Анамарија Илиева и Тео Китановски остануваат на училиште и по часовите. Трудот им се исплатеше кога нивните проекти по биологија, програмирање, роботика и инженерство победија на глобалниот предизвик „Генерација без граници (Generation Unlimited)“, организиран од УНИЦЕФ.
Generation Unlimited им помогна поединечните проекти да ги трансформираат во нешто поголемо. „Видовме како тоа се претвора во нешто што внесе значајни промени во нашето општество“, вели Багашов, „овозможувајќи ни понатаму да се развиваме како тим и да основаме фирма.“
Тимот eБионика, предводен од Багашов, дизајнираше решение за подобар пристап до протетички помагала, осмислувајќи 3Д-печатена бионичка рака со помош на отворени извори за лицата кои немаат горен екстремитет. Нивната бионичка рака може да се направи за само 100 евра.
Победата на предизвикот „Генерација без граници“ им донесе финансиска поддршка, вештини, врски и можности. Исто така, ги претвори во истакнат пример. „Нашиот проект е одличен пример за тоа како младите можат да го направат нашето општество подобро место за живеење на сите луѓе“, вели Ночески.
Generation Unlimited е една од повеќето иницијативи на УНИЦЕФ за вклучување на младите. Другите се: програмата АПШИФТ (UPSHIFT), платформата У-Репорт, а со претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски, иницијативата „Преосмисли ја иднината“.
Благодарение на „креативното размислување и младешката енергија, младите, секако, умеат да понудат нови и иновативни начини за решавање на долгогодишните прашања поврзани со целите за одржлив развој, т.е. ЦОР“, вели Росана Дуџиак, постојан координатор на ОН во Северна Македонија.
Остварување напредок, побргу
Под раководство на УНДП, Акцелерејт2030 (Accelerate2030) е најголемата програма во светот што ги поддржува претприемачите од земјите во развој и од новите пазари, заради проширување на нивните решенија во насока на ЦОР. Во Северна Македонија, програмата се состои од тримесечно искуство на забрзување предводено од Сеавус Акцелераторот и Бизнис Импакт Лаб, во кое се комбинираат работилници и можности за вмрежување.
Еден од учесниците на Accelerate2030 е Горјан Јовановски, основач на стартапот AirCare (ЕрКер) и развивач на апликацијата за следење на квалитетот на воздухот AirCare.
Тој вели, „многуте инспиративни и неверојатни луѓе во програмата ќе ни помогнат да ги воспоставиме вистинските врски и соработка за да влеземе на пазарите за кои претходно не ни сонувавме.“
Исто така, УНДП поддржа центар за иновации наречен Скопје Лаб за да ја потпомогне преобразбата на јавните простори во главниот град во поодржливи решенија.
„Собирајќи разни профили на луѓе и поврзувајќи ги со урбанисти и други стручњаци кои работат на терен, како и со градските функционери, [учесниците] стануваат поактивни во процесите на носење одлуки за градот,“ вели Софија Богоева, координатор на Скопје Лаб.
Y-PEER, иницијативата предводена од УНФПА, беше вклучена во првиот процес на Доброволен национален преглед, чија цел беше да се измери напредокот на Северна Македонија во однос на ЦОР.
Многу млади никогаш не слушнале за ЦОР, вели Александар Милошевиќ, кој е одговорен за Y-Peer Северна Македонија.
„Младите може да преземат водечка улога, но тоа не може да се случи без соодветна инфраструктура и поддршка за младинските мрежи и организации навистина да напредуваат“.
Не е само семејството на ОН што се обидува да го поттикне учеството на младите во одржливиот развој. И Владата на Северна Македонија е активна во тоа.
„Направивме крупен чекор напред со носењето на новиот закон за младинско учество и младински политики на почетокот од 2020 година“, вели Ѓорѓи Тасев, советник за млади и младински политики на претседателот на Владата на Република Северна Македонија. „Со овој закон, секоја општина треба да формира барем еден младински центар. Има уште многу да се направи, но ние ги поканивме младите на маса.“
Оваа сторија е напишана од Службеникот за комуникации и застапување на ОН во Северна Македонија, Александар Димишковски, со поддршка од колегите за комуникација Симона Ристоска (УНИЦЕФ), Ирена Спирковска (УНФПА) и Иван Мицковски (УНДП).