Соопштение

Систематски решенија како одговор на глобалната криза со храна и енергија

21 декември 2022

  • Годишната конференцијата на Обединетите нации овој пат насловена „Поглед подалеку“ се одржа денеска во Скопје
Фотографија: © UN RCO

Скопје, 21 декември, 2022г. - На конференцијата со наслов „Поглед подалеку“, што се одржа денеска во Скопје во организација на Обединетите нации, претставници на повеќе агенции на ОН заедно со меѓународни експерти и претставници на владата дискутираа за клучните мерки што Република Северна Македонија ги презема и треба да ги планира во иднина со цел надминување на предизвиците во кризата со храна и енергија.

„Сегашната криза на многу начини е без преседан. Сепак, основните причини и двигатели не се ниту нови, ниту изненадувачки, и ја одразуваат нашата неспособност да дадеме доволно голем приоритет на унапредувањето на Целите за одржлив развој. Политичките решенија се сложени. Треба да одговориме на непосредните потреби за избавување на луѓето од сиромаштија, но исто така треба да ги поддржиме бизнисите со цел да се зачуваат работните места, со конкретни мерки за да обезбедиме најдобри можни резултати со расположливите ресурси. Најважно, политиките треба да бидат системски, одржливи и визионерски за да се осигура дека, и покрај предизвиците, ќе останеме силно фокусирани на одржлив раст и развој. За тоа се потребни навремени и точни податоци, соработка и координација“, рече Постојаната координаторка на ОН, Росана Дуџак на отворањето на конференцијата.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи за време на панелот истакна дека проблемите треба системски да се решаваат. „Ако системски не се решаваат, проблемите се зголемуваат. Пример, сме зборувале за дигитализација со години, но, тоа било само , површински, а не суштински. Дигитализацијата бара суштинска промена на однесувањето на чинителите и на граѓаните. Ние не сме влегле во било кој сегмент да го решаваме проблемот на начин на кој треба да го решаваме“, вели Битиќи. „Во врска со енергетската криза сфаќаме дека производството е битно, но сме знаеле дека 35 отсто сме зависни од увоз на енергија. Тоа било убаво оти цената била добра. Штом доаѓа криза сите прашуваат зошто не се решава проблемот. Тој проблем не се решава преку ноќ. Проблемот е пак системски. Требало да почне да се решава пред 10 години и тоа во областа на алтернативните енергиии. Зелената енергија. Ние сега со малку интервенции се обидуваме да ги враќаме олдтајмерите во сообраќај. Но тоа не е решение. Решение е зелената енергија, транзиција кон зелена енергија“, додаде вицепремиерот за економски прашања.

Заменик претставникот на УНИЦЕФ, Артур Ајвазов, посочи дека шоковите од растот на цените несразмерно ги погодуваат домаќинствата со повеќе деца и посиромашните семејства, поради нивните пониски приходи и поголемото учество на потрошувачката на храна и енергија во буџетот на нивните домаќинства. Зголемувањето на цените на храната им остава на овие семејства многу малку средства за подмирување на другите основни потреби. Ајвазов посочи дека Владата треба да размисли за дополнителни мерки со цел  да го намали товарот врз децата и другите ранливи групи, вклучително и со проширување на пристапот и обемот на постоечките парични трансфери и да осигура дека буџетската криза нема да ги наруши основните услуги во здравствената заштита , социјална заштита и образование.

Во обраќањето на конференцијата, заменик регионалниот претставник на ФАО за Европа и Централна Азија, Набил Ганги, истакна дека од долгорочна перспектива, важно е да се разгледаат структурните причини за кризата со храна, а со цел подобар пристап во решавање на овој проблем треба да се прави разлика меѓу прашањата кои влијаат на пристапот до храна и прашањата кои се однесуваат на достапноста на храната. Во однос на пристапот до храна, ситуацијата е повеќедимензионална и ја одразува сложената меѓусебна поврзаност помеѓу кризата со храна, енергија и финансии. Според Ганги, за справување со предизвици со обезбедноста со храна, предизвикани од тековните кризи, потребен е пристапот на„земјоделско-прехранбени системи“, што ФАО го промовира во насока на дејствување надвор од вообичаените секторски рамки. Тоа е систематска комбинација на политики, инвестиции и решенија фокусирани на одржливи подобрувања во продуктивноста и ефикасноста, поголема отпорност и обезбедување на доволно здрава храна за сите.

„Емпириски истражувања покажуваат дека добро развиениот финансиски систем може да го зголеми растот и до 1 п.п., а уште поважно и да ја намали сиромаштијата. Финансиските системи придонесуваат за поттикнување на заштедите и нивно насочување во инвестиции кои се важни за зголемување на обем на капитал и продуктивноста коишто пак се главни детерминанти на долгорочниот раст“, изјави гувернерката на НБРСМ, Анита Ангеловска – Бежоска. „Значењето на финансиите е особено големо во овие кризни околности кои ги потенцираат структурните слабости и потребата за зелена и дигитална трансформација на економијата. Кај нас позитивно е што кредитната поддршка за зелена трансформација расте, односно кредитите за ова намена во изминативе три години забележаа раст од 80%“, вели Ангеловска Бежоска.

Според Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, кризата најверојатно ќе продолжи и во 2023 година и тешко е да се предвиди во која насока ќе се развиваат работите. „УНДП и другите агенции на ОН во земјата, заедно со другите развојни партнери се тука да ги поддржат институциите и граѓаните и да придонесат за јавниот дијалог и градењето консензус околу конкретните политики и други мерки кои ќе придонесат за справување со тековните развојни предизвици и влијанието на глобалната криза. Меѓутоа, сега имаме подобро разбирање за ранливостите и основните причини за кризата, внатрешните и надворешните фактори и предлагаме системски патишта како одговор на кризата. Една од работите на кои треба да се посвети внимание е сивата економија, која според истражувањата изнесува некаде околу 35 отсто да влезе во системот, да се плаќаат даноци. Втора работа е поттик на малите и средни претпријатија и регионалната соработка“, рече Григорјан.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими истакна дека изминатите три години кои се одбележани со криза ја поместија среднорочната рамка на планираните фискални таргети, насочени кон консолидација на јавните финансии и нивна долгорочна оддржливост. "Но истовремено нас креаторите на политиките, ни даваат можност и ни покажуваат каде во системот имаме потреба од промени. Затоа сметаме дека е добро реформската агенда да се спроведува во кризните епизоди."

Тој додаде дека оваа година наспроти очекувањата не беше година погодна за фискална консолидација, и имаше потреба од мерки за поддршка на граѓаните, стопанството и за поголемо производство на електрична енергија од домашни капациетите за справување со енергетската и ценовната криза.

"Во вакви услови Владата успешно прибегна кон рационализација на расходната страна на Буџетот, со што остварениот дефицит е во голема мера задржан во рамки на фискалните таргети, кои до 2027 година терба да се сведат на 2,8 % од БДП буџетски дефицит и јавен долг под 60 %", порача Бесими. 

Цел на агенциите на Обединетите нации, УНДП, ФАО и УНИЦЕФ, е заедно со националните и меѓународните  партнери, да се изнајдат одржливи и долгорочни решенија кои ќе дадат одговор на потребите на ранливите групи и истовремено ќе подржат раст и развој, во услови на висока инфлација и скромни финансиски ресурси.

 

 

Aleksandar Dimishkovski

Александар Димишковски

RCO
Комуникации и застапување

Тела на ОН вклучени во оваа иницијатива

ФАО
Организација за храна и земјоделство
RCO
United Nations Resident Coordinator Office
УНДП
Програма за развој на Обединетите нации
УНИЦЕФ
Фонд за деца на ОН

Цели што ги поддржуваме преку оваа иницијатива