Изјава на г-а Росана Дуџак, Постојан координатор на ОН во Северна Македонија
23 јуни 2021
Денеска има два пати повеќе раселени луѓе отколку пред десет години. Toa едноставно не е прифатливо!
И покрај пандемијата, бројот на луѓе кои бегаат од војни, насилство, прогонување и повреди на човековите права, порасна до рекордни 82.4 милиони луѓе во 2020 година, според најновиот годишен извештај на УНХЦР за глобалните трендови. Тоа претставува пораст од четири проценти од веќе рекордните 79.5 милиони луѓе на крајот на 2019 година. Всушност, 2020 е деветта по ред година на непрекинат пораст во присилното раселување ширум светот, а денеска има два пати повеќе раселени луѓе отколку пред десет години.
Ситуацијата е повеќе од алармантна и некако се чини дека недостасува разбирање дека бегалците не претставуваат само бројки. Овие бројки мораме да ги разгледуваме во перспектива. Кога зборуваме за бегалците, зборуваме за човечки животи и судбини. Луѓе, семејства, кои не се желни да ги напуштаат своите домови. Тоа го прават бидејќи немаат друг избор.
Гледано во перспектива, момчињата и девојчињата под 18-годишна возраст се застапени со 42 проценти од сите раселени луѓе. Тие се особено ранливи, особено кога кризите траат со години. Според новите проценки на УНХЦР, речиси еден милион деца биле родени како бегалци помеѓу 2018 и 2020. Многу од нив и понатаму се бегалци во годините што следуваат. Тешко е воопшто да се обидеме да разбереме со што се соочуваат овие деца!
Тоа значи дека ние како општество имаме две важни обврски. Прво, обврската да го спречиме прогонувањето, повредите на човековите права и војната поради што луѓето и семејствата се приморани да бегаат од незаменливата удобност на сопствениот дом.
Второ, да обезбедиме дека и бегалците можат да даваат позитивен придонес за одржливиот развој, без разлика каде се наоѓаат. За да се случи тоа, мора да се зголеми разбирањето за потребата од солидарност, од една страна, и систематските механизми коишто ќе овозможат тоа да се случи, од друга страна.
На Светскиот ден на бегалците, ве поттикнувам сите да размислите за солидарноста и инклузивноста. Бегалците се луѓе кои имале работни места, образование, вештини и таленти кои може да бидат од полза на секое општество. Не можеме да зборуваме за одржлив развој доколку секој еден не е вклучен во постигнувањето и притоа да обезбедиме дека никој нема да заостане!