Заеднички работен план 2023
Заедничкиот работен план за 2023 година беше развиен во услови на тежок локален и глобален контекст полн со предизвици што ги преоптоварија институционалните капацитети и сериозно го загрозија животниот стандард на луѓето, особено на најранливите групи.
Кон крајот на 2021 година, глобалната енергетска криза и зголемените цени на храната го забавија економското заживување, што дополнително се интензивираше со случувањата во Украина. Влијанието е претежно индиректно и произлегува од силната зависност од увозот на енергија и храна, како и од силната трговска изложеност на пазарите на ЕУ. Луѓето, но и бизнисите, а особено малите и средните претпријатија, силно ги погоди инфлацијата и енергетската криза што значително ја поткопа и онака ниската конкурентност на економијата. Во 2021 година состојбата на пазарот на труд се подобри, но проблемот со невработеноста кај младите сèуште постои. Сè потешко е финансирањето на буџетскиот дефицит и на социјалните трансфери, со оглед на исцрпените финансиски резерви и влошените пазари на капитал. Човечкиот капитал останува еден од клучните предизвици во економијата, со оглед на постојаниот тренд на намалување на населението потврден и со Пописот од 2021 година, како резултат на намалената стапка на репродукција и силната миграција во странство. И покрај образовните реформи коишто се во тек, резултатите од учењето како процес остануваат на ниско ниво и не се доволно усогласени со (идните) пазарни вештини. Иако постои намалување на бројот на случаи на Ковид-19, поради недостатокот на ресурси и медицински персонал, здравствениот систем продолжува да се бори со ситуацијата. Социјалната реформа и борбата против сивата економија допрва ќе дадат резултати, додека подобрување има кај правата на децата, а особено на оние со попреченост.
Со оглед на влошувањето на загадувањето на воздухот поради енергетската криза, дојде до намалување на фокусот врз климатските промени, животната средина и природните ресурси. Доминантниот фокус врз кризата, неуспешните јавни набавки за големи инвестиции во животната средина (на пр. Пречистителна станица за отпадни води Скопје, ХЕ Чебрен, позелен јавен превоз во Скопје) и засилената зависност од фосилните горива поради зголемувањето на цените на енергенсите, доведоа до помал напредок кај прашањата поврзани со животната средина. Позитивно е тоа што зголемените цени на енергенсите ги зголемуваат стимулациите за зелена транзиција, односно инвестициите во обновливите извори на енергија стануваат поатрактивни. Што се однесува пак до состојбата на трите главни езера, и понатаму постојат предизвици, при што особено е загрижувачка состојбата со Преспанското и со Дојранското Езеро, која и понатаму се влошува. Потребни се значителни инвестиции во управувањето со отпадните води и цврстиот отпад, управувањето со природните ресурси, како и поголем фокус врз рециклирањето.
Таканаречениот „француски“ предлог, што Владата и Собранието го прифатија, помогна да се надмине бугарското вето на преговарачката рамка на ЕУ со Северна Македонија. Процесот за проверка на нивото на транспонирање на правото на ЕУ започна во јули 2022 година, но преговорите со ЕУ официјално ќе се отворат дури откако земјата ќе го вклучи бугарското малцинство во преамбулата на Уставот. Во меѓувреме, предизвиците и одложувањата во процесот на пристапување кон ЕУ ја намалија поддршката што народот ја има за интеграцијата во ЕУ и ја продлабочија политичката поларизација на општеството. Иако има подобрување кај вклучувањето и учеството на засегнатите страни и на општеството во целина во креирањето политики, сепак капацитетот за спроведување, правичноста и довербата на јавноста во институциите продолжија да се намалуваат. Корупцијата и непостоењето одговорност сè уште се клучниот општествен проблем. Владата и понатаму продолжува со соработката со ОН и европските механизми за човекови права, но сепак, интеграцијата и следењето на нивните препораки останува предизвик.
Продолжија консултациите за формулирање на дваесетгодишна Национална развојна стратегија, а исто така беа започнати одредени важни реформи, како што е новата буџетска реформа, како и политиките насочени кон ранливите групи, како што се жените, младите, лицата со попреченост и Ромите. Повеќедимензионалната криза ја влоши и онака тешката работна средина за локалните самоуправи. Поради геостратешката положба на земјата, на подрутата Западен Балкан продолжија мешаните миграциски движења, па земјата стана домаќин на 22.000 бегалци од Украина. Од нив останаа само 5.900 и тие се соочуваат со тешкотии во пристапот до образование, работа и приходи. Сè уште нема решение за бездржавјанството. Постои простор за дигитален развој, имајќи предвид дека во однос на поширока регулаторна рамка, земјата има резултати што се под европскиот просек.
Во периодот што следи, од критично значење за земјата ќе биде зајакнувањето на капацитетите за управување со податоци и спроведување, засилување на ефикасната борба против корупцијата и сивата економија и осмислувањето антикризни мерки силно насочени кон потребите на најранливите лица во контекст на намаленото финансирање. Без оглед на тековните предизвици, земјата мора да ја задржи и посветеноста за стратешки инвестиции во човечкиот капитал, безбедноста на храната, климатските промени, животната средина и отпорноста на катастрофи.